Пожар во метрото во Барселона: 137 лица се затруени од чад, околу 40 се хоспитализирани

Пожарот избувнал на една од линиите на метрото во понеделник вечерта, а на пожарникарите им биле потребни околу два часа за целосно да ја стават ситуацијата под контрола.

Речиси 140 лица побарале медицинска помош откако во понеделник вечерта избувнал пожар на една од линиите на метрото во Барселона. Според шпанската новинска агенција EFE, 137 лица се затруени од чад, а околу 40 од нив биле пренесени во болница. Надлежните соопштија дека ниту еден од повредените не е во животна опасност.

Пожарникарите интервенирале веднаш по пријавата, а за целосно гаснење на пожарот и нормализирање на состојбата им биле потребни околу два часа.

Засега не се соопштени официјални информации за причините за избувнувањето на пожарот, а надлежните служби спроведуваат истрага за инцидентот.

Инцидентот предизвика привремени нарушувања во функционирањето на јавниот превоз во Барселона, додека службите работеа на расчистување на последиците и обезбедување на безбедноста на патниците.

е-Трн да боцка во твојот инбокс