Вишиот обвинител Дарко Јакимовски во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани презентираше албум со повеќе од 90 фотографии од увидот извршен на 16 март минатата година и во деновите по трагедијата. Со фотографиите, обвинителството почна да ги поткрепува исказите на досега сослушаните сведоци во постапката против 35 обвинети.
На фотографиите, според презентираното во судница, се гледаат траги од целосно уништен простор, пепел, расфрлани патики, тесен влез и излез што служел како главна точка за евакуација, како и задна врата која наместо да биде функционален излез била затворена со катанец. Од трагите било посочено дека пожарникарите подоцна насилно ја отвориле однадвор.
Обвинителството укажа и на други елементи што ја отежнале евакуацијата и ја зголемиле опасноста: празни хидранти, тесни ходници, запечатени прозорци со гипс-картон и простории со мали прозорци со метални решетки. Објектот, кој претходно бил производствен погон, бил пренаменет во дискотека.
Според презентираните наоди, во објектот се развила температура од околу 800 степени Целзиусови. Материјалите употребени во внатрешноста, меѓу кои и полиуретански сунѓер за звучна изолација, придонеле за брзо ширење на пожарот и за создавање отровни гасови. Покривот, според информациите изнесени во судница, бил изведен со азбестни табли.
Кај јакната на Андреј Ѓорѓиевски, пејачот на „ДНК“, биле пронајдени капки од полимерен материјал, полиуретан, кој се користи како лепак и изолатор, а при горење развива висока температура и ослободува токсични материи. Преживеани сведочеле дека за време на пожарот врз нив паѓале врели капки од плафонот.
Во продолжение на судскиот процес се очекува да бидат презентирани и видеоматеријали од местото на трагедијата, за кои беше најавено дека содржат вознемирувачки сцени.