Општина Кавадарци се сомнева дека пожарот кај депонијата е подметнат

Интензивната интервенција за гаснење на пожарот на градската депонија „Мелци“ во Кавадарци продолжува со засилено темпо, со цел огнот целосно да биде ставен под контрола. Екипите на терен остануваат активни сè додека не се изгасне и последниот жар од депонијата, потврди кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.

Пожарот што избувна на градската депонија Мелци во Кавадарци има сериозни индиции дека е намерно подметнат, соопшти градоначалникот Митко Јанчев по увид на теренот. Според локалните власти, огнот претставува директен напад врз здравјето на граѓаните и безбедноста на целиот град.

Екипите на Територијалната противпожарна единица Кавадарци, заедно со јавните претпријатија и приватни компании, веднаш излегоа на терен за да го спречат ширењето на пламените јазици. Поради специфичноста на отпадот на депонијата, огнот се локализира со континуирано насипување големи количини земја и песок со багери и камиони, што е стандардна процедура за задушување на вакви длабински пожари.

Градоначалникот Јанчев истакна дека локацијата и начинот на кој се појавиле првичните жаришта укажуваат на човечки фактор, поради што случајот е веќе пријавен во Министерството за внатрешни работи. Општинските власти побараа итна и детална истрага, како и прегледување на сите достапни снимки и информации за да се идентификуваат и санкционираат евентуалните сторители.

Пожарите на депониите носат висок ризик од емисија на токсични материи и густ чад што директно го загрозува квалитетот на амбиенталниот воздух во Тиквешијата. Општината апелираше до граѓаните од најблиските населби да ги држат прозорците затворени додека трае целосното задушување на чадот и санирањето на теренот.

Пожарникарските и комуналните екипи ќе останат на Мелци сè додека теренот не биде целосно обезбеден и покриен со заштитен слој земја за да се исклучи секоја можност за повторно разгорување. Локалната самоуправа најави и засилени безбедносни мерки и видео-надзор околу депонијата за да се спречат слични инциденти во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс