Се разгоре пожарот кај штипско Селце, спасени стотина викендици покрај Лакавица

Силниот ветер го распламти огнот што утрово беше под контрола, противпожарните тимови го бранат патот кон планината Серта со помош на авиони и хеликоптери.
Фото: ДЗС

Пожарот во атарот на селото Селце кај Штип, кој утринава беше ставен под контрола, околу пладне повторно се разгоре поради високите температури и силниот ветер. Огнот сериозно се закани на појасот со над стотина викендички покрај реката Лакавица. Со интервенција на противпожарните единици од источниот регион и оклопно возило на Дирекцијата за заштита и спасување, куќите се одбранети, а фокусот сега се префрла кон спречување на ширењето кон планината Серта.

Огнената стихија што изби вчера попладне во атарот на штипското село Селце се приближи до појасот со викендици покрај пресушената река Лакавица, на потегот од месноста 20-ти километар кон штипскиот затвор. Станува збор за викенд-населба со бројност на објекти што надминува едно големо село.

На терен беа испратени противпожарни сили од сите професионални единици од источна Македонија, поддржани од доброволни тимови. За одбрана на објектите беше вклучено оклопно возило БТР на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), како и специјални теренски возила пинцгауер. Линијата на огнот кон куќите е сопрена, но екипите остануваат распоредени на теренот до целосно обезбедување на овој појас.

Главната битка на теренот се води за огнот да не се префрли кон повисоките делови на планината Серта. За таа цел се мобилизирани воздухопловите на институциите.

Најавено е полетување на противпожарните авиони „ер трактор“ на ДЗС, заедно со еден полициски и еден армиски хеликоптер. Целта на воздушните удари е да се пресече кракот што се движи кон шумскиот појас на Серта, каде што сувата ниска вегетација овозможува брзо ширење на пламените јазици.

Покрај штипскиот регион, тешка ситуација со пожарите има и во други делови од земјата. Во струшкиот регион активен е шумски пожар во атарот на селата Локов и Буринец, каде што гори нискостеблеста шума и грмушки, со ризик зафаќање на квалитетна шума. Поради високите дневни температури, употребата на хеликоптери на оваа локација беше ограничена во најтоплите часови, па на терен се испратени екипи на ЈП „Национални шуми“.

Драматична ноќ имаше и во општина Боговиње. Огнот што се спушташе од надморска височина од околу 1.400 метри кон селата Урвич и Јеловјане беше сопрен на самиот пат благодарение на тетовските пожарникари и локалното население. Во овој регион состојбата во моментов е стабилна и нема загрозени населени места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс