Нови пожари во југозападна Франција: Се подготвува евакуација на 200.000 луѓе

Жешкиот бран и силниот ветар одново го разгореа огнот кај Сен Жан д’Илак, додека противпожарните екипи деноноќно ги бранат населените места.
Фото: EPA/SDIS33

Огромни шумски пожари повторно се разгореа во југозападниот дел на Франција поради екстремните жештини и силниот ветар, принудувајќи ги властите да подготват превентивна евакуација за речиси 200.000 луѓе. Иако се чинеше дека ситуацијата беше под контрола при крајот на минатата недела, временските услови за време на викендот драстично го влошија состојбата на теренот.

Еден од најкритичните пожари што повторно се активираше се наоѓа во општината Сен Жан д’Илак. На терен се испратени засилени противпожарни екипи со цел да се спречи продорот на огнена стихија кон густо населените области.

Властите фокусираат значаен дел од ресурсите на директно гаснење на шумата, но и на градење одбранбени линии околу приватните куќи и локалната инфраструктура.

Противпожарните служби потврдија дека ненадејниот пресврт на дувањето на ветарот брзо го промени правецот на движење на пламенот. Затоа, фокусот не е ставен само на локализирање на пожарот, туку и на итна заштита на сите околни објекти што би можеле да бидат зафатени во следните неколку часа.

Состојбата во Франција е дел од поширок бран екстремни суши и пожари што со недели ја зафаќаат јужна Европа, особено Шпанија и Франција. Досега се уништени стотици илјади хектари ниска вегетација и шума, а локалните служби во регионот делуваат со максимално мобилизирани капацитети.

е-Трн да боцка во твојот инбокс