Огнот стигна пред куќите во Водоча и Баница, во гаснењето вклучен и авион

Силниот ветер го префрли пожарот кон првите домови, локалните служби и доброволците засега спречија директна опасност.

Пожар што изби денеска околу пладне кај струмичките села Водоча и Баница стигна во непосредна близина на првите куќи, каде што интервенираат локалните и регионалните противпожарни сили за да спречат материјална штета. Поради сувата вегетација и променливиот правец на ветрот, огнот бргу се прошири кон населените места, по што во гаснењето веднаш беа вклучени дополнителни екипи, механизација и еден противпожарен авион.

Пожарот се разви на отворен простор со сува трева и грмушки, а силните воздушни струења го насочија пламенот прво меѓу Водоча и Баница, а потоа и кон потегот што води кон градот. Локалната територијална противпожарна единица од Струмица веднаш излезе на терен.

За да не се дозволи огнот да навлезе во самите дворови, на помош пристигнаа и екипи од противпожарните единици од Валандово и Радовиш, како и доброволни друштва од околината.

На теренот е ангажиран и еден авион „ер трактор“, со цел да се забави ширењето на фронтот и да се овозможи стабилизирање на состојбата.

Паралелно со воздушната поддршка, комуналното претпријатие „Комуналец“ и приватни компании испратија градежна механизација и цистерни за вода. Со механизацијата се пробиваат заштитни појаси и противпожарни препреки за да се пресече линијата на пламенот.

Иако огнената стихија зафати голема површина на самата граница со урбаната зона, надлежните на терен информираа дека во овој момент нема директна опасност по станбените куќи и викендиците.

Сепак, поради непредвидливоста на ветрот, ситуацијата се следи непрекинато, а сите расположливи сили остануваат на позициите сè до целосно локализирање на пожарот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс