Француската полиција уапси три лица поради неодговорно однесување и предизвикување опасност во заштитените подрачја, додека борбата со разорниот пожар во Франција влегува во критична фаза. Регионалните власти во Жиронда предупредуваат дека стихијата што се шири кон Бордо е исклучително непредвидлива поради силните ветрови и грмотевици, што го наведе претседателот Емануел Макрон да свика итен меѓуресорски кризен состанок во Париз.
Полицијата во регионот Жиронда приведе три лица кои со своите постапки директно ја загрозиле безбедноста во екот на највисокиот ризик од пожари. Регионалната префектка Софи Брокас потврди дека сите тројца се задржани во притвор по спроведените инспекциски контроли на терен.
„Вчера едно лице беше уапсено бидејќи пушеше во шума, а уште две беа приведени поради правење скара на отворено. Нивното однесување е неприфатливо и криминално“, изјави Брокас.
Состојбата на теренот околу Бордо останува сложена поради неповолните временски услови што го отежнуваат гаснењето. Огнот покажува неочекувани промени во правецот, особено во доцните попладневни часови и во текот на ноќта, кога се спојуваат сувиот ветер, високите температури и локалните грмотевици.
Според информациите од градската администрација на Бордо, самиот град во овој момент не е под директна закана. Сепак, оперативните служби се во пoлна приправност, а евакуираните жители од околните населби нема да можат да се вратат во домовите сè додека огнот не се стави под целосна контрола.
Како одговор на ескалацијата на терен, францускиот претседател Емануел Макрон за утре во 10 часот свика меѓуресорски кризен состанок во Министерството за внатрешни работи. Тој упати порака на поддршка до противпожарните тимови, армијата и цивилната заштита кои деноноќно се мобилизирани на теренот.
Властите истовремено упатија апел до сите туристи да го избегнуваат регионот Нова Аквитанија. За да се олесни транспортниот притисок и да се ослободат патиштата за итните служби, француската железница SNCF овозможи целосен и бесплатен поврат на парите за сите откажани билети кон Бордо до 31 јули.