Големиот пожар што избувна попладнево на потегот меѓу Градските гробишта и селото Баница во Струмица е ставен под контрола, со што е отстранета непосредната опасност за куќите во месноста Софилар. Информацијата од терен ја потврди директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, нагласувајќи дека нема простор за паника кај населението.
Огнената стихија зафати голема површина сува трева и вегетација и со голема брзина се движеше кон станбените објекти и викендичките. На едно место пламените јазици навлегоа и на дел од Градските гробишта, но благодарение на брзата интервенција, огнот беше сопрен откако зафати само неколку квадратни метри.
Црниот и густ чад што се забележуваше од повеќе делови на градот потекнуваше од плац во чиј двор гореа складирани гуми.
Во гаснењето веднаш се вклучија 30 струмички противпожарници со 10 возила, а помош беше побарана и од противпожарната единица од Валандово. Дополнително, на терен беа упатени специјални теренски возила „пинцгауер“ на ДЗС, а превентивно беше подигнат и еден противпожарен авион „ер трактор“.
Од СВР Струмица упатија апел до сите граѓани да избегнуваат движење во зафатениот реон и да не го попречуваат пристапот на противпожарните возила.
Струмичкиот пожар е дел од бранот пожари на отворено регистрирани во текот на денот. Според ДЗС, на територијата на целата држава денеска се евидентирани повеќе од 12 пожари, од кои најспецифичен останува оној на планината Готен (на тромеѓето меѓу Василево, Берово и Радовиш), каде што исто така се следи состојбата за да не се загрозат околните села.