Пет возила во пламен под Кале, војник со брза реакција спречил ширење

Во пожарот две возила целосно изгореле, три биле оштетени, а припадници на Армијата и пожарникарите спречиле уште посериозен инцидент.

Пет возила биле зафатени во пожар што вчера избувнал на стариот полигон за обука за моторни возила во Скопје, на улицата „Лазар Личеноски“, спроти Националната арена „Тодор Проески“. Според објавените информации, пожарот бил пријавен околу 15:40 часот, а со брза интервенција бил локализиран и целосно изгаснат околу 16:40 часот.

Во инцидентот, две возила целосно изгореле, а три биле делумно оштетени. На терен интервенирале три противпожарни возила и осум пожарникари, откако претходно припадници на Армијата почнале да го гаснат огнот со противпожарни апарати и да ги поместуваат возилата што сè уште не биле зафатени од пламенот.

Клучната улога во првичната реакција, според соопштението, ја имал професионалниот војник Христијан Божиновски, кој при заминување од работното место забележал дека неколку паркирани автомобили се во пламен. Откако проценил дека постои опасност огнот брзо да се прошири, веднаш побарал поддршка од воениот стадион, по што припадници на Армијата се вклучиле во интервенцијата.

Бидејќи пожарот бил посилен и не можел целосно да се стави под контрола само со апаратите, дел од возилата биле дислоцирани за да се спречи уште поголема штета. За време на интервенцијата, Божиновски се здобил со полесна повреда на едната рака и му била укажана медицинска помош.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни