Очевидец тврди дека пожарот кај Долани бил подметнат

Во гаснењето биле ангажирани пожарникари, доброволци, механизација, полиција и авион на Дирекцијата за заштита и спасување.

Пожарот што избувна во атарот на селото Долани, во Општина Штип, е изгаснат, информира Центарот за управување со кризи. Во огнот горела голема површина со сува трева, стрниште и нискостеблеста шума, а во гаснењето биле вклучени повеќе служби и локални жители.

Од ЦУК соопштија дека во интервенцијата бил ангажиран и авион на Дирекцијата за заштита и спасување, како и полицијата од Штип. Во гаснењето помагал и локален жител, кој се здобил со лесни телесни повреди и тврдел дека пожарот бил подметнат.

„По сведочењата од еден селанец, кој се здобил со лесни телесни повреди при обид за гаснење, пожарот бил подметнат од две непознати лица кои побегнале“, соопштија од ЦУК.

Во гаснењето учествувала Територијалната противпожарна единица од Штип со четири возила и 15 пожарникари, како и доброволното противпожарно друштво со две возила и шест доброволци.

На терен била ангажирана и механизација од јавното претпријатие „Стипион“ од Штип. Со четири трактори бил направен заштитен појас за да се спречи ширењето на пожарот кон селото.

Во интервенцијата учествувале и пожарникари од Радовиш со едно возило, како и оператор на дрон, кој помогнал во следењето на состојбата на терен.

Надлежните институции треба дополнително да ги утврдат причините за избувнувањето на пожарот и околностите околу тврдењата дека огнот бил подметнат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс