Успешно е завршен трансферот на момче кое се повредило при скок од тобоган додека било на одмор во Турција.
Од силината на ударот момчето добило сериозна повреда на р’бетниот мозок.
На 23 јули му била извршена хируршка интервенција во локална болница, каде што бил задржан на лекување до неговото пренесување во земјава.
„Поради сериозноста на повредата и потребата од брз и безбеден транспорт, од колегите беше побарано пациентот да биде пренесен по воздушен пат. Благодарни сме на Министерството за здравство, Владата и Службата за општи и заеднички работи за навремената реакција и поддршката во реализацијата на транспортот”, изјави директорот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ д-р Игор Мерџаноски.
Во Турција беше испратен стручен медицински тим предводен од раководителката на КАРИЛ, д-р Марта Тренева. Тимот го презеде пациентот и обезбеди континуирана медицинска грижа и надзор во текот на целиот транспорт до Скопје.
Пациентот е успешно пренесен и сместен на одделот за интензивно лекување при Клиниката за ТОАРИЛУЦ, каде што ќе продолжи неговиот третман.
„Пациентот е во здравствена состојба која бара интензивно лекување. Медицинската документација е разгледана, а хируршката интервенција извршена во Турција е оценета како соодветно и стручно спроведена. Повредите на ‘рбетниот мозок се вбројуваат меѓу најсериозните повреди и бараат внимателно следење, мултидисциплинарен пристап и долготраен третман”, истакна д-р Мерџаноски.
Во следниот период ќе бидат направени дополнителни испитувања, по што ќе биде утврден натамошниот тек на лекувањето и рехабилитацијата. Во зависност од здравствената состојба на пациентот, предвидена е и физикална терапија во спиналниот центар во земјава.