Повеќе од 360.000 евакуирани: Пожарите се доближуваат до Бордо, Макрон свика итен кризен состанок

Повеќе од 360.000 луѓе се евакуирани во Франција и Шпанија. Пожарите се приближуваат до Бордо, евакуирани се хотели кај аеродромот, а претседателот Емануел Макрон свика итен кризен состанок.

Повеќе од 360.000 луѓе се евакуирани поради големите шумски пожари што беснеат во Франција и Шпанија, додека властите предупредуваат дека новиот топлотен бран што се очекува во текот на неделата може дополнително да ја влоши ситуацијата.

Во Франција, пожарите опасно се приближуваат до Бордо, поради што претседателот Емануел Макрон свика итен кризен состанок. Како превентивна мерка, евакуирана е и хотелската зона во близина на аеродромот во Бордо, иако воздушниот сообраќај засега се одвива без прекин.

Според локалните власти, пожарите во текот на ноќта останале главно стабилни, но и натаму не се ставени под целосна контрола. Префектурата на Жиронда воведе дополнителни ограничувања, меѓу кои забрана за организирани престои на лица со попреченост и детски групи со ноќевање.

Само во Франција, поради два големи пожари, евакуирани се повеќе од 250.000 луѓе, од кои околу 36.000 во департманот Ландес. Во соседна Шпанија, изминатите денови биле евакуирани повеќе од 116.000 жители, а пожарникарите се обидуваат да го искористат краткотрајното смирување на временските услови за да ги локализираат пожарите пред повторниот пораст на температурите.

Метеоролозите предупредуваат дека во наредните денови не се очекуваат врнежи од дожд, што значително ќе ја отежне борбата со огнената стихија и ќе го зголеми ризикот од ново ширење на пожарите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс