„Порше“ го продаде уделот во „Бугати Римац“

„Порше“ ги продава уделите во „Бугати Римац“ и „Римац груп“ на конзорциум предводен од „ХОФ капитал“, со што завршува директната поврзаност на „Фолксваген“ со „Бугати“.

„Порше“ се договори да ги продаде своите удели во „Бугати Римац“ и „Римац груп“ на конзорциум предводен од њујоршката инвестициска компанија „ХОФ капитал“, со што германскиот производител се повлекува од еден од најпознатите хиперавтомобилски проекти во Европа. Договорите за трансакцијата биле потпишани на 24 април, а завршувањето на продажбата зависи од вообичаените регулаторни одобренија.

„Порше“ досега имаше 45 проценти удел во „Бугати Римац“ и 20,6 проценти во „Римац груп“. „Бугати Римац“ беше формиран во 2021 година како заеднички проект на „Порше“ и „Римац груп“, со цел легендарниот француски бренд „Бугати“ да продолжи да се развива во рамки на нова хрватско-француска структура.

Купувачот е конзорциум предводен од „ХОФ капитал“, во кој учествува и „Блуфајв капитал“ како најголем инвеститор, заедно со институционални инвеститори од САД и Европската Унија. По завршувањето на трансакцијата, „Римац груп“ треба да ја преземе контролата врз „Бугати Римац“ и да формира стратешко партнерство со „ХОФ капитал“ и „Блуфајв капитал“ за понатамошен раст.

Според најавите, „ХОФ капитал“ ќе стане најголем акционер во „Римац груп“ заедно со Мате Римац, основачот на „Римац“ и извршен директор на „Бугати Римац“. Финансиските детали за договорот засега не се објавени.

Со овој потег завршува директната поврзаност на „Порше“, а со тоа и на групацијата „Фолксваген“, со „Бугати“. Германската групација го купи легендарниот француски бренд во 1998 година и го врати на светската автомобилска сцена со моделот „Вејрон“, кој стана еден од симболите на модерната ера на хиперавтомобилите.

„Вејрон“ постави нови стандарди за перформанси, луксуз и инженерска амбиција, а потоа следуваа „Широн“ и „Турбијон“. Но токму „Вејрон“ останува моделот што ја означи новата ера на „Бугати“ под капата на „Фолксваген“.

Одлуката на „Порше“ доаѓа во период кога компанијата се обидува да се фокусира на својот основен бизнис и да ослободи капитал во услови на притисок врз профитабилноста. Според „Ројтерс“, потегот е дел од пошироко преструктурирање, откако оперативната добивка на „Порше“ значително се намалила во претходната година.

За „Римац“, пак, продажбата отвора нова фаза: поголема контрола врз „Бугати Римац“ и нови финансиски партнери за развој на идните хиперавтомобили и електрични технологии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни