Поранешниот корејски претседател осуден поради лаги кажани во кампања

Јун Сук Јеол доби условна казна затвор, а неговата партија можеби ќе мора да врати над 27 милиони долари добиени по изборната победа.
Фото: Prachatai/Flickr

Централниот окружен суд во Сеул го осуди поранешниот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол, на 18 месеци затвор, условно на три години, откако го прогласи виновен за кршење на изборниот закон преку давање лажни изјави во текот на претседателската кампања во 2022 година.

Централниот окружен суд во Сеул утврди дека Јун двапати дал лажни информации во текот на кампањата, меѓу декември 2021 и јануари 2022 година. Судот, во пресудата, изјави дека кога кандидат лично објавува лажни информации на јавни настани со голем опфат, какви што се дебати и интервјуа, влијанието врз одлуката на гласачите е „многу значајно“.

Тужителите побараа двегодишна затворска казна. Јун, кој ги негира обвиненијата, планира да се жали на пресудата, изјави неговиот правен советник.

Според јужнокорејскиот изборен закон, политичките партии добиваат државна надокнада за трошоците на кампањата доколку нивниот претседателски кандидат победи или добие најмалку 15 отсто од гласовите. Доколку кандидатот подоцна добие затворска или парична казна од најмалку еден милион јужнокорејски вони, партијата мора да ги врати добиените средства.

Пресудата, доколку биде потврдена по жалба, би можела да ја принуди партијата на Јун да врати околу 27 милиони долари, односно 39,7 милијарди јужнокорејски вони, колку што добила од Националната изборна комисија по неговата победа на претседателските избори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс