Поради ризик од губење контрола во возењето, Volkswagen итно повлекува 208.000 возила

Американската агенција за безбедност во сообраќајот (NHTSA) објави вонредно повлекување на одредени модели на Volkswagen и Audi. Поради ризик од корозија и пукање на завртката на летвата за управување, сопствениците ќе мора да ги посетат овластените сервиси за бесплатна замена.

Германскиот автомобилски гигант Volkswagen започнува обемна акција за повлекување на 208.724 возила од пазарот во Соединетите Американски Држави поради уврден сериозен дефект на управувачкиот систем. Вонредната одлука ја соопшти американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на патиштата (NHTSA), предупредувајќи дека техничкиот проблем може директно да ја загрози безбедноста на возачите и патниците.

Процесот на повлекување опфаќа неколку популарни модели од портфолиото на германската групација. На списокот се најдоа одредени серии на популарниот SUV модел Volkswagen Tiguan произведени во 2018 година, потоа поголемиот модел Volkswagen Atlas од производствените години 2018 и 2019, како и луксузните компактни возила Audi Q3 кои се произведени во периодот меѓу 2019 и 2021 година.

Според деталниот извештај на американското регулаторно тело, главниот технички недостаток е лоциран кај специфична завртка што ја прицврстува летвата за управување за подрамката на возилото. Поради изложеност на влага и хемикалии за одржување на патиштата во зимски услови, оваа завртка на десната страна од носачот е подложна на засилена корозија, што со текот на времето може да доведе до нејзино целосно пукање. Доколку завртката пукне, доаѓа до дополнително оштетување на самото куќиште на летвата за управување, а тоа драматично го зголемува ризикот од ненадејно губење на контролата врз управувачот за време на возењето.

За да се спречат потенцијални сообраќајни несреќи, Volkswagen веќе ги подготви протоколите за техничка интервенција. Овластените сервиси на производителот ќе извршат бесплатна замена на спорната завртка на сите погодени возила. Од компанијата потврдуваат дека сите сопственици на моделите опфатени со ова повлекување ќе добијат официјални известувања по пошта со насоки за закажување термин во најблискиот овластен сервис, а испораката на известувањата се очекува да започне од 10 ноември

е-Трн да боцка во твојот инбокс