Маврово две децении чека нов закон: Што ја кочи заштитата на паркот?

Отсуството на задолжителниот план за управување го остава паркот без заштитна рамка, додека нелегалната сеча, дивоградбите и ловните контроверзии го загрозуваат екосистемот.
Фото: Национален Парк Маврово

Националниот парк Маврово повеќе од две децении се соочува со сериозен институционален застој поради отсуство на нов закон за репрогласување и соодветни задолжителни документи. Додека процедурите со години заглавуваат во лавиринтите на власта, целосна заштита на Маврово изостанува, а теренот се соочува со нелегална урбанизација, изградба на мали хидроцентрали и сомнежи за незаконски лов и риболов.

Најголемото заштитено подрачје во државата, основано уште во 1949 година, имаше законска обврска да го усогласи својот статус по донесувањето на Законот за заштита на природата од 2004 година. Сепак, за разлика од националните паркови Пелистер и Галичица, за Маврово сè уште не е донесен нов акт за прогласување, ниту пак се донесени Просторен план и План за управување.

Лов на дивокози и криволов кои ја отежнуваат заштитата на Маврово

Вниманието на јавноста неодамна го привлече видео на Јутјуб објавено од каналот „Ловечките авантури на Педро Ампуеро“, во кое се гледаат странски ловци како застрелуваат балканска дивокоза на македонските планини. Директорот на паркот, Харис Ибраими, во изјава за медиумот „360 степени“ појасни дека не станува збор за комерцијален лов, туку за санитарен отстрел за следење на здравствената состојба на животните, спроведен со институционални согласности и под надзор на паркот.

Истовремено, ренџерската служба одзеде нелегално поставени мрежи на Мавровското Езеро и го пријави случајот во Полициската станица во Маврови Анови, со најава за засилени контроли против криволовот.

Пет барања за итен спас на националниот парк

Поради долгиот застој, граѓанската организација „Еко-свест“, поддржана од уште 21 здружение, упати пет барања до Владата и надлежните институции. Екологистите бараат итно донесување на законот и негово ставање на јавна расправа, зонирање соодветно на научните студии, мораториум на штетните проекти и спроведување на меѓународните препораки од Бернската конвенција, која уште во 2025 година побара запирање на хидроцентралите во паркот.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање порачуваат дека постапката за репрогласување мора да заврши за да се создадат услови за Планот за управување, додавајќи дека се отворени за организирање јавна расправа доколку тоа го побараат граѓанските организации.

Извор: Дојче Веле

е-Трн да боцка во твојот инбокс