Филмската индустрија во време на промени: Копродукциите и новите можности се клучни за опстанок

За тоа, како филмската индустрија може да опстане и да се развива во услови на брзи промени, се разговараше на панелот „Навигација низ промените во индустријата: Како да се опстане и да се напредува во филмската и ТВ-продукција“.

Филмските професионалци во Европа се соочуваат со низа предизвици – од намалувањето на средствата за филмска продукција и условите за работа, до потребата од поголема прекугранична соработка и сè поголемото влијание на вештачката интелигенција. За тоа, како филмската индустрија може да опстане и да се развива во услови на брзи промени, се разговараше на панелот „Навигација низ промените во индустријата: Како да се опстане и да се напредува во филмската и ТВ-продукција“.

На панелот, модериран од Кристина Новак од ProdPro, учествуваа кинематограферот Дан Лаустсен (ASC, DFF), Рета Турула од Филмската комисија на Северна Финска, Сузан Ронанд од Screen Malta, Атена Ксениду од Ray Talent Agency и Олимпија Митилинеу (GSC). Од Финска дојде порака дека потенцијалот за развој на филмската индустрија постои, особено преку соработката со соседните земји.

„Можно е да расте финската филмска индустрија. Нордиските земји, особено Шведска, се важни партнери, а соработуваме и со другите нордиски земји. Балтичките земји имаат поголеми студија, па често работиме заедно. Можеме таму да учиме, а нашето знаење потоа да го пренесеме во Финска“, истакна Рета Турула.

Поинаква е сликата во Грција, каде што финансирањето останува еден од најголемите проблеми за филмската индустрија. Олимпија Митилинеу зборуваше и за предизвиците со кои се соочуваат жените во индустријата, но и за последиците од економските кризи во земјата.

„Во Грција имаме проблем со пари. Во изминатите години имавме две политички и финансиски кризи, а жртва беше филмот и сè уште е. Сега има нов закон. Не се даваат многу пари за филмови, но се финансираат игри, серии и телевизиски формати“, рече Митилинеу.

Таа посочи дека можноста за меѓународна соработка е една од важните алатки за надминување на ограничувањата на малите пазари. Како пример ја наведе можноста за ангажирање кинематографери и други филмски професионалци од различни европски земји. Според Митилинеу, потребен е и поширок европски поглед кон филмското творештво, односно поголемо разбирање на различностите меѓу националните кинематографии и нивните потреби.

На потребата од поддршка за локалните екипи се осврна и Сузан Ронанд од Screen Malta. Таа го отвори и прашањето за работните часови и прекувремената работа на филмските продукции.

„На еден филм се работи прекувремено, па часовите се проблем. Тоа треба да биде стандардизирано“, рече Ронанд.

Според неа, кога станува збор за мала филмска индустрија како малтешката, особено важно е да им се даде можност на младите професионалци да стекнат искуство.

„Кога сте мала земја, прашањето е како ќе докажете што можат младите ако не им дадете шанса?“, посочи Ронанд.

За значењето на европските фондови и копродукциите зборуваше Атена Ксениду, која оцени дека токму прекуграничното поврзување може да отвори простор за развој на филмските професионалци и продукциите.

„Европа има можност филмејкерите да направат разлика. Имаме пристап до европски фондови кога сме во тим. Имаме соработка со Грција, Германија, Унгарија. Работите се возможни, само треба да се користат фондовите“, рече Ксениду.

Таа нагласи дека европската поддршка треба да ги опфати и земјите со голем продукциски капацитет и помалите кинематографии, за кои копродукциите често се од суштинско значење.

„Можноста за копродукција нè одржува живи“, додаде Ксениду.

Кинематограферот Дан Лаустсен, пак, се осврна на промените што ги носи вештачката интелигенција во филмската индустрија.

„Сега работам само на големи американски филмови. Влијанието на АИ е многу големо и не знаеме каде тоа ќе води. Тоа е проблем“, рече Лаустсен.

Прашањето за употребата на АИ беше отворено и од Турула, која истакна дека технологијата треба да биде алатка, а не замена за креативниот процес. Според неа, доколку филмскиот професионалец мора да му припише авторски кредит на АИ за својата работа, тоа може да биде знак дека технологијата е употребена на погрешен начин. Таа порача дека продуцентите и филмските професионалци треба да имаат контрола врз начинот на кој АИ се користи во продукцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс