Мурињо донесе фотографии пред новинарите и „удри“ по судиите: „Само пуштете нè да играме!“

Тренерот на Реал Мадрид по поразот од Атлетико Мадрид покажа две спорни ситуации за кои смета дека морале да завршат со црвени картони

Жозе Мурињо не го криеше незадоволството од судењето по поразот на Реал Мадрид од Атлетико Мадрид. Португалскиот тренер на прес-конференцијата пристигна подготвен – пред новинарите донесе фотографии од две ситуации за кои смета дека играчи на Атлетико морале да бидат исклучени.

Мурињо најголемиот дел од прес-конференцијата го посвети на судијата Мигел Ортис и на работата на судиската организација, тврдејќи дека спорните одлуки од дербито не се изолиран случај.

„Пред сè, многу е чудно што уште пред неколку недели се појави информација дека овој судија е избран за натпреварот. Вообичаено е судиите да се избираат во неделата во која се игра натпреварот“, рече Мурињо.

Тренерот на Реал го критикуваше изборот и на главниот и на ВАР-судијата, тврдејќи дека слични проблеми се повторуваат кога натпреварите на неговиот тим ги водат помалку искусни арбитри.

Мурињо набројуваше спорни одлуки

Португалецот не се задржа само на мадридското дерби. Тој потсети и на неколку судиски одлуки од претходните кола во Ла Лига, поврзани со натпревари на Атлетико, Барселона, Осасуна и Атлетик Билбао. „Да видиме што се случуваше во последните неколку недели. Му поништија чист гол на Осасуна против Атлетико. Досудија смешен пенал за Атлетико во Сан Себастијан. Досудија смешен пенал за Барселона. Не дадоа чист црвен картон за Барселона против Атлетик Билбао“, рече Мурињо.

Посебно го прозва судијата Ортис, потсетувајќи на неговите претходни одлуки.

„Токму господинот Ортис, истиот овој денешен судија, кој е исклучително благ кон Барселона, го судеше тој натпревар.“

Мурињо потоа се врати на ситуациите од дербито и порача дека двајца фудбалери на Атлетико според него требало да бидат исклучени.

„Против Елче двајца нивни играчи мораа да бидат исклучени. Ништо не се случи. Истото ни се случи и денес. Двајца играчи на Атлетико мораа да добијат црвен картон. Само пуштете нè да играме.“

„Верувам дека можеме да ја освоиме Ла Лига“

Незадоволството на Мурињо дојде откако и Реал Мадрид објави официјален став во кој го критикуваше судењето.

„Комитетот за судии во моментов е многу, многу, многу среќен“, рече тој.

И покрај поразот и острите критики кон судиите, Мурињо нагласи дека е задоволен од своите фудбалери.

„Горд сум на момците. Не е лесно постојано да се справувате со ситуациите во кои се наоѓаме. Ако ни дозволат да играме, верувам дека можеме да ја освоиме Ла Лига.“

Со својот настап Мурињо го стави судењето во центарот на вниманието по мадридското дерби, а фотографиите што ги донесе пред новинарите беа неговиот начин да ги поткрепи критиките кон спорните одлуки.

е-Трн да боцка во твојот инбокс