Германскиот канцелар Фридрих Мерц јавно го призна тешкиот резултат на неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на денешните покраински избори во Мекленбург – Западна Померанија.
„Не можеме да го разубавуваме овој резултат. Тоа е катастрофа“, рече Мерц во обраќањето по изборите, пренесува Index.hr.
Според првичните проекции, ЦДУ освоила околу 5 до 5,5 отсто од гласовите во покраината, додека крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) бележи силен раст. Мерц оцени дека неговата партија била „сомелена“ во заострената трка меѓу Социјалдемократската партија (СПД) и АфД. Проекциите што ги објави Financial Times ѝ даваат на АфД околу 37 до 38 отсто од гласовите.
Истовремено се гласаше и во Берлин. Таму Мерц го оцени резултатот на ЦДУ како солиден, иако партијата, според првичните проекции, губи поддршка во однос на претходните избори. Првичните резултати од двете изборни трки го зголемуваат притисокот врз канцеларот по серијата изборни неуспеси на неговата партија.
Во обраќањето Мерц призна дека загриженоста оди подалеку од изборниот резултат. Тој зборуваше за економијата што минува низ длабоки промени, за падот на довербата во институциите и за сè поостриот тон во германското општество.
Сепак, канцеларот не најави повлекување. Порача дека ќе ја преземе одговорноста за резултатите и дека ќе продолжи со реформите, иако призна дека дел од нив ќе донесат товар и неизвесност за граѓаните. „Реформите мора да дојдат“, рече Мерц.
Неговиот настап доаѓа во момент кога АфД ја зацврстува поддршката, а ЦДУ се соочува со сè погласни прашања за насоката на партијата и за политичката иднина на канцеларот.