По денешните високи температури кои достигнаа речиси 39 степени, од утре следува промена на времето со попладневни бури и локални врнежи. Управата за хидрометеоролошки работи најавува дека утре и задутре претпладне ќе се задржи сончево и топло време, додека во попладневните часови атмосферата ќе стане нестабилна. Локално се очекуваат процеси во форма на невреме со пороен дожд, силен ветер, грмежи и појава на град низ земјата, вклучително и во скопската котлина.
Денеска во земјата преовладуваше исклучително топло време. Според официјалните мерења на метеоролошките станици во 17 часот, максималната температура денеска достигна 38,7 степени Целзиусови во Демир Капија, додека во Кавадарци беа измерени максимални 38,3 степени. Во Скопје на мерното место Зајчев Рид максималната вредност изнесуваше 38,1 степен, во Гевгелија и Велес 37,8, а во Струмица 37,1 степен.
Посвежо беше единствено на планинските предели, каде на Попова Шапка живата во термометарот се искачи најмногу до 22,2 степени.
Метеоролозите за утре, 2 септември, прогнозираат сончево претпладне со мала до умерена облачност. Во попладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлините ќе има услови за краткотрајно невреме со силен ветер и град.
Слични временски услови ќе има и во главниот град. Во делови од скопската котлина во попладневните часови се очекува формирање на краткотрајно невреме проследено со силен ветер, електрични празнења и можна појава на град, при што ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Нестабилното време ќе се задржи и во четврток, на 3 септември, кога максималните температури ќе се движат во интервал од 26°C до 35°C, а минималните ќе паднат меѓу 12°C и 20°C. Ќе дува умерен, а повремено и засилен ветер од северен правец.
Во петок, на 4 септември, дневната температура ќе достигне од 28°C до 36°C, повторно со локална нестабилност, пороен дожд и засилен северен ветер. Стабилизација на атмосферата и целосно сончево време со умерен северен ветер се очекува во сабота, 5 септември, кога максималните температури ќе достигнат до 37 степени.