Ограничувањето на внесот на шеќер за време на бременоста и во првите две години од животот може да го намали ризикот од деменција децении подоцна, покажува ново истражување објавено од научници од Универзитетот за наука и технологија во Хонг Конг.
Истражувачите анализирале податоци од речиси 65.000 лица родени пред и по Втората светска војна, кога во Велика Британија бил воведен систем на рационализирање на шеќерот. Ограничувањата траеле до 1953 година, по што просечната дневна потрошувачка на шеќер речиси се удвоила – од околу 41 на 80 грама дневно.
Научниците ги поделиле испитаниците во три групи – оние изложени на ограничен внес на шеќер уште пред раѓањето и во првата година од животот, оние изложени до втората година и лицата родени по укинувањето на ограничувањата.
Резултатите покажале дека лицата кои биле изложени на помал внес на шеќер пред раѓањето и во првата година имале 21% помал ризик од деменција, додека кај оние кај кои ограничувањето траело до втората година од животот, ризикот бил 23% помал во споредба со лицата родени по укинувањето на рационализацијата. Кај испитаниците кои сепак развиле деменција, болеста била дијагностицирана во просек 2,6 години подоцна отколку кај оние кои биле изложени на поголеми количини шеќер во раното детство.
„Ограничувањето на шеќерот во најраните фази од животот може да има долгорочни придобивки за здравјето на мозокот“, изјави авторката на студијата Џијажен Женг.
Истражувачите нагласуваат дека резултатите сугерираат оти намалувањето на додадениот шеќер за време на бременоста и во првите 1.000 дена од животот би можело да биде едноставна превентивна мерка за намалување на ризикот од деменција, но посочуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се потврди оваа поврзаност.