Сообраќаен хаос во Хрватска: Затворен тунелот „Свети Рок“, Конавле блокирани, на граница се чека и до 10 часа

Прекин на сообраќајот низ тунелот „Свети Рок“, километарски колони на автопатиштата и целосен колапс кон Црна Гора – локалните власти во Конавле го активираа Кризниот штаб.

Неделното попладне донесе голем сообраќаен метеж низ Хрватска. Најголеми проблеми има на автопатот А1, каде што поради безбедносни причини привремено е запрен сообраќајот низ тунелот „Свети Рок“ во правец кон Дубровник. Според Хрватскиот авто-клуб (ХАК), пред тунелот се формирала колона долга околу два километри, а дополнителни застои предизвикуваат и две сообраќајни несреќи меѓу клучките Огулин и Босиљево 2 во правец кон Загреб.

Колони има и пред наплатните рампи Лучко и Демерје кон Загреб, додека на Јадранската магистрала и на пристапите кон туристичките центри, траектните пристаништа и граничните премини сообраќајот се одвива забавено.

Особено тешка е состојбата во Конавле, каде што километарските колони кон граничниот премин Карасовиќи речиси целосно го блокираа регионот. За излез од Хрватска кон Црна Гора се чека и до 10 часа. Поради вонредната состојба, градоначалникот на Општина Конавле, Божо Ласиќ, го активираше Кризниот штаб.

„Конавле се практично парализирани. Локалните патишта се целосно блокирани, луѓето не можат да стигнат до работа. Ако избие пожар или друга итна ситуација, последиците би биле сериозни“, изјави Ласиќ.

Според неофицијални информации, главната причина за застојот е забавената контрола на црногорскиот граничен премин Дебели Бријег, поради што колоната се протега сè до хрватскиот премин Карасовиќи и околните локални патишта. Хрватската полиција соопшти дека е во контакт со црногорските власти во обид да се забрза протокот на возила.

Иако првиот викенд од август традиционално носи зголемен туристички сообраќај, властите оценуваат дека денешните гужви се значително поголеми од вообичаените. Во текот на ноќта, службите на цивилната заштита делеа вода на возачите заглавени во колоните, а Итната медицинска помош интервенирала во неколку случаи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс