534 години од патувањето на Колумбо кон Америка: Верувал дека плови кон Азија, а открил нов свет

На 3 август 1492 година, Кристофер Колумбо испловил од шпанското пристаниште Палос со три брода во потрага по западен морски пат до Азија. До крајот на животот останал убеден дека токму таму и пристигнал.

На 3 август 1492 година, италијанскиот морепловец Кристофер Колумбо испловил од пристаништето Палос де ла Фронтера, во јужна Шпанија, со три брода, Санта Марија, Пинта и Ниња и екипаж од околу 90 луѓе. Целта на експедицијата била да се пронајде западен морски пат до Азија, земјата на златото, свилата и зачините. Наместо тоа, на 12 октомври истата година, Колумбо стигнал до остров во денешните Бахами, со што започнала европската колонизација на американскиот континент, настан што трајно ја променил светската историја. И покрај тоа, Колумбо до крајот на животот останал убеден дека пристигнал на источните брегови на Азија.

Заминување во сенка на голем историски пресврт

Испловувањето на Колумбо не се случило во политички вакуум. Само еден ден претходно истекол рокот определен со декретот за протерување на Евреите од Шпанија, кој истата година го донеле католичките монарси Фердинанд II и Изабела I.

Во својот дневник, Колумбо запишал дека наредбата да отплови кон „Индија“ ја добил во јануари 1492 година, веднаш по завршувањето на Реконкистата освојувањето на последното муслиманско упориште на Пиринејскиот Полуостров. Иако долго се повторува митот дека кралицата Изабела го заложила својот накит за да ја финансира експедицијата, историчарите денес сметаат дека најголемиот дел од средствата дошле од конзорциум на ѓеновски и фирентински банкари во Севиља, а и самиот Колумбо учествувал со дел од потребните средства.

Три брода, деведесет луѓе и патување без сигурна карта

Експедицијата ја сочинувале Санта Марија, поголем товарен брод со кој командувал Колумбо, и двете помали и побрзи каравели – Пинта и Ниња. Екипажот главно бил составен од морнари од Палос, Могер и околните места во Андалузија.

По испловувањето, флотата најпрво се упатила кон Канарските Острови, каде останала речиси еден месец поради поправки и неповолни временски услови. Дури на 6 септември бродовите конечно запловиле кон непознатиот Атлантик.

Колумбо верувал дека до Азија ќе стигне за околу четири недели, бидејќи значително ја потценил големината на Земјата и растојанието меѓу Европа и Азија.

Птиците што ја смениле историјата

По речиси еден месец без поглед кон копно, екипажот почнал да губи трпение. Дел од морнарите барале враќање назад, плашејќи се дека никогаш нема да се вратат дома. На 10 октомври Колумбо им ветил дека, ако во следните три дена не се појави копно, ќе го смени курсот и ќе се врати.

Пресврт донеле птиците. Морнарите забележале крајбрежни птици како летаат кон запад, па Колумбо решил да ја следи нивната насока. Подоцнежните историски анализи покажале дека токму таа промена на курсот најверојатно ја одвела експедицијата до Бахамите.

Пристигнал во Америка, но мислел дека е во Азија

На 12 октомври 1492 година експедицијата пристигнала на остров што денес најчесто се идентификува како Сан Салвадор во Бахамите. Колумбо ја прогласил територијата за сопственост на шпанската круна, убеден дека се наоѓа во близина на Азија.

Подоцна отпловил до Куба, за која мислел дека е дел од Кина, а потоа и до островот Хиспаниола, кој можеби го сметал за Јапонија. На Божиќ 1492 година, Санта Марија се насукала на плитко и повеќе не можела да се користи. Од нејзините остатоци била изградена тврдината Ла Навидад, каде останале 39 членови на екипажот, првата постојана европска населба во Новиот Свет.

Капетанот што останал во сенка

Мартин Алонсо Пинсон, капетанот на Пинта, во еден момент самостојно се одвоил од експедицијата во потрага по остров за кој домородците тврделе дека има големи количини злато. По низа тешкотии, тој сам се вратил во Шпанија, но пристигнал само неколку часа по Колумбо. Во меѓувреме, славата веќе му припаднала на водачот на експедицијата.

Пинсон починал само неколку дена подоцна, без да го добие признанието што го очекувал.

Почеток на колонизацијата

Дневникот на Колумбо, зачуван преку преписот на историчарот Бартоломе де лас Касас, открива дека првите контакти со домородното население биле далеку од романтичната слика што долго време доминирала во учебниците.

Колумбо ги гледал домородците како потенцијални поданици, работна сила и водичи. Иако на почетокот воспоставувал пријателски контакти, наскоро следувале заробувања и насилство – модел што подоцна ќе стане карактеристичен за европската колонизација на американскиот континент.

Враќањето што ја промени историјата

По силна бура во близина на Азорските Острови и краток престој во Лисабон, Колумбо на 15 март 1493 година се вратил во Палос. Со себе донел злато, егзотични растенија, животни и неколку заробени домородци, а на шпанскиот двор бил пречекан како херој.

Иако не бил првиот Европеец што стапнал во Америка, Викинзите стигнале до денешен Њуфаундленд околу пет века порано – неговото патување го означило почетокот на трајната европска експанзија во Новиот Свет.

Парадоксално, човекот чие патување го промени текот на светската историја никогаш не сфатил што всушност открил. До својата смрт во 1506 година, Кристофер Колумбо останал убеден дека пронашол нов морски пат до Азија

е-Трн да боцка во твојот инбокс