„Пружини“ од Пијан Славеј ќе биде промовирана со концерт на Hot Jazz Orchestra

„Пружини“ е петта поетска книга на авторот и носи поезија посветена на минливоста, љубовта, времето и човековата растргнатост

Новата поетска збирка „Пружини“ од Пијан Славеј ќе биде промовирана во сабота, на 19 септември, со почеток во 20:30 часот, во „Цреша бар“ во Скопје.

Промоцијата ќе има концертен формат, а пред публиката ќе настапат Пијан Славеј и Hot Jazz Orchestra, спојувајќи ги поезијата и музиката во заедничко сценско доживување.

„Пружини“ е петта поетска книга на авторот и носи поезија посветена на минливоста, љубовта, времето и човековата растргнатост. Станува збор за структурно прецизен и емотивно силен ракопис што ги преиспитува илузиите за вечноста и слободата ограничена од секојдневните животни рамки.

Низ песните се појавуваат слики на остарени чевли, опустени плажи и лето што минува непријатно бргу, оставајќи зад себе траги како подвиена страница. Во збирката, телото и времето ја носат тежината на искуството, додека љубовта останува простор во кој сè уште може да се пронајде засолниште.

Издавачот Дејан Трајкоски во кусиот оглед објавен во книгата ја определува „Пружини“ како дестилирана слика на минливоста и растргнатоста и како најзрел поетски ракопис на Пијан Славеј досега.

Авторот претходно ги објави книгите „Креветизам и хоризонтала“ во 2018, „Срчки“ во 2020, „Полиграф“ во 2022 и „Јазик за двајца“ во 2024 година.

Сите пет книги се во издание на „Прозарт медиа“. Концертната промоција ја организираат „Цреша бар“ и „Прозарт медиа“, а издавањето на збирката е поддржано од Министерството за култура и туризам.

е-Трн да боцка во твојот инбокс