47. издание на ИФФК „Браќа Манаки” со импресивна програма и со рекорден број гости

47. ИФФК „Браќа Манаки” се отвора утре во Центарот за култура во Битола со македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња” во режија на Дина Дума

Годинава имаме импресивна програма со рекорден број филмови и едукативни содржини. Морам да потенцирам дека имаме прекрасни автори и огромна бројка на гости на ова издание. Покрај лауреатите Ден Лаустсен и Џеф Кроненвет, во Битола доаѓаат Јануш Камински, Семи Капланоглу, Воли Фистер, Тимо Салминен и ред истакнати имиња од светската кинематографија, рече на денешната прес конференција директорот на ИФФК „Браќа Манаки”, Димитрија Доксевски.

Како новина беше истакнато киното на отворено кое ќе се одржува во Музејот на Битола и бесплатно ќе може да се погледне макпоинт програмата.

Проекциите од главната селекција ќе се реализираат во Центарот за култура каде е обезбедено ново платно и нов проектор кој ќе се користи за потребите на Фестивалот и ќе го подобри квалитетот на проекциите со цел публиката да ужива во програмата на Фестивалот.

-Оваа година како Друштво на филмски работници започнуваме соработка со Европската филмска академија. Нивниот Cinematographers chapter се грижи за кинематограферите и нивната промоција. Заедно со Европската филмска академија започнуваме серија на панели на кои ќе разговараме за битни прашања поврзани за работата на кинематограферите, техничките услови во кои работат и ред други аспекти на нивната работа. Годинава, панелот ќе се одржи на 21 септември во рамките на фестивалот на кој ќе ни бидат гости Тимо Салминен и Јануш Камински, рече претседатеклата на ДФРМ, Марија Димитрова, која се заблагодари на директорот на фестивалот и на неговиот тим, Агенцијата за филм, генералниот спонзор А1 и останатите спонзори, како и Општината Битола без чија помош, како што подвлече Димитрова, не би можеле да го реализираме фестивалот 47 години.

Таа посочи дека и претставува голема радост што макпоинт програмата е повторно дел од фестивалската програма.

-Во неа имаме многу македонски филмови и сметам дека  тоа е мошне важно за македонската кинематографија и за да може нашата публика да ги види филмовите. Подготвени сме за утрешниот почеток на фестивалот и се надевам дека и вие и публиката ќе уживаме во сите содржини, рече Димитрова.

47. ИФФК „Браќа Манаки” се отвора утре во Центарот за култура во Битола со македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња” во режија на Дина Дума.

е-Трн да боцка во твојот инбокс