Земјотрес со магнитуда од 5,3 степени според Рихтеровата скала рано утрово го погоди североисточниот дел на Египет, соопшти Турската управа за управување со катастрофи и вонредни состојби (AFAD).
Според првичните информации, земјотресот бил регистриран околу 3 часот по локално време во областа на покраината Исмаилија, на длабочина од 5,47 километри. Потресот бил почувствуван во повеќе градови, вклучително и во Каиро, но засега нема пријави за повредени лица или материјална штета, соопшти Египетскиот Црвен полумесец.
Властите ги повикаа граѓаните да избегнуваат престој во стари и оштетени објекти додека траат проверките на терен.
Министерството за здравство на Египет, како превентивна мерка, го активираше планот за итни интервенции, а сите болници во погодениот регион се ставени во состојба на максимална подготвеност.