Полската Агенција за внатрешна безбедност (АБВ) привела 17-годишник осомничен дека подготвувал терористички напад во кој планирал да убие поголем број луѓе.
Меѓу потенцијалните цели на нападот биле училиште и џамија, соопшти полското Национално обвинителство.
Осомничениот, идентификуван како Павел Г., бил приведен на 18 септември во координирана акција на безбедносните служби и обвинителството.
Тој е осомничен за учество во организирана криминална група чија цел била извршување терористички дела, ширење фашистичка и нацистичка пропаганда и поттикнување омраза врз национална, етничка, расна и верска основа.
Најтешкото обвинение се однесува на непосредни подготовки за убиство на повеќе лица во терористички напад.
При претресот на домот на тинејџерот биле пронајдени ножеви, бајонет за автоматска пушка, како и книги, ознаки и други предмети со фашистички симболи.
Истражителите одзеле и електронски уреди и носачи на податоци.
„Анализата на податоците откри преписки поврзани со планирање масовни напади, вклучително и напад врз училиште и џамија“, соопшти портпаролот на полското Национално обвинителство, Пшемислав Новак.
Според истрагата, осомничениот разменувал информации со други лица за можните начини на извршување на нападите, како и за набавка на огнено оружје, муниција и воена опрема. Во комуникацијата се споменувала и употреба на гранати и молотови коктели.
Полскиот министер за правда Валдемар Журек изјави дека надлежните служби нема да покажат толеранција кон фашизмот, омразата и планирањето крвави напади.
Седумнаесетгодишникот не ги признал делата за кои е осомничен и го искористил правото да не даде исказ. Судот му одредил тримесечен притвор поради опасност од попречување на истрагата и можност за извршување кривично дело со кое би биле загрозени животите на повеќе луѓе.
Материјалите што се однесуваат на уште две малолетни лица, осомничени дека соработувале со него, биле доставени до надлежните семејни судови. Доколку биде прогласен за виновен, на 17-годишникот му се заканува казна до 15 години затвор.