Полнењето резервоар ќе чини повеќе? Ново поскапување на горивата од полноќ

Утре РКЕ ќе ги објави новите цени на горивата. Премиерот Христијан Мицкоски очекува дизелот да поскапи за 2 до 2,5 денари, а бензините за околу еден денар по литар.

Возачите во Македонија од утре најверојатно ќе плаќаат повисоки цени за горивата. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека, според владините пресметки, се очекува зголемување на цените поради растот на суровата нафта на светските пазари во текот на изминатата недела.

Според неговите проценки, дизелот би можел да поскапи за околу 2 до 2,5 денари по литар, додека цената на бензините би можела да се зголеми за околу еден денар по литар.

„Врз основа на нашите калкулации, цената на нафтата на светските берзи се зголеми за околу 5 до 6 проценти, а бензините за 2 до 3 проценти. Очекувам дизелот да поскапи за околу 2 до 2,5 денари, а бензините за околу еден денар, но сепак да ја почекаме конечната одлука на Регулаторната комисија“, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека, и покрај очекуваното поскапување, Македонија и натаму ќе остане меѓу земјите со најниски цени на дизелот и бензините во регионот. Конечната одлука за новите малопродажни цени ќе ја донесе Регулаторна комисија за енергетика во текот на утрешниот ден, по што новиот ценовник ќе стапи во сила.

е-Трн да боцка во твојот инбокс