Паднал полициски хеликоптер во Србија, јавноста дозна по притисок од опозицијата

Директорот на српската полиција потврди дека хеликоптер „Газела“ се урнал за време на тренажен лет, откако опозицијата обвини дека инцидентот бил криен од јавноста.
фото МИА

Полициски хеликоптер се урнал во Србија за време на тренажен лет, а двајцата пилоти се повредени и се на домашно лекување. Информацијата денеска ја потврди директорот на српската полиција, Драган Васиљевиќ, откако опозицијата јавно го отвори случајот на седница на собранискиот Одбор за одбрана и внатрешни работи.

Претседателот на партијата Србија центар, Здравко Понош, обвини дека врвот на полицијата го криел инцидентот од јавноста. Тој рече дека за време на тренажен лет паднал повеќенаменски хеликоптер „Газела“, вреден околу половина милион евра, кој, според него, бил целосно уништен.

„Оваа година ви падна хеликоптер, ‘Газела’ ви се искрши на тренажен лет, целосно е уништена, две лица се повредени. Го криете тоа од јавноста. Скршивте половина милион евра и го криете тоа од јавноста на Србија. Мислите дека тоа е нормално?“, праша Понош.

Васиљевиќ најпрво реагираше со зборовите: „Не ми паднал мене хеликоптер, јас немам хеликоптер“, а потоа потврди дека хеликоптерот се урнал од мала висина. Тој додаде дека причините за падот допрва ќе се утврдуваат.

Според „Данас“, директорот на полицијата одговорил на прашањето дури по инсистирање на Понош, по што претседателот на Одборот, Милован Дрецун, му изрекол опомена на опозицискиот пратеник.

На истата седница, Васиљевиќ ги отфрли и тврдењата дека полицијата не постапува по наредбите на Обвинителството за организиран криминал во случајот „Настрешница“.

Случајот со хеликоптерот отвора две прашања: како дошло до падот на леталото и зошто јавноста за инцидентот дозна дури откако опозицијата го притисна врвот на полицијата во Собранието.

е-Трн да боцка во твојот инбокс