Прва пресуда за „Пулс“: тројца полицајци од Кочани добија условни казни

Тројца полицајци од Кочани добија условни казни во првиот предмет поврзан со дискотеката „Пулс“, откако судот ги прогласи за виновни за злоупотреба на службената положба.

Тројца полицајци од Кочани добија условни казни во првиот предмет поврзан со дискотеката „Пулс“ што заврши со неправосилна пресуда.

„Виновни се“, рече судијката Лидија Петровска при објавувањето на пресудата за Кире Богатинов, Горан Лазаров и Александар Темелков, обвинети дека ја злоупотребиле службената положба во постапувањето поврзано со дискотеката.

Богатинов и Лазаров добија условна казна затвор од по една година, која нема да се изврши ако во следните три години не сторат ново кривично дело. Темелков доби условна казна од две години затвор, која ќе се активира ако во следните четири години стори ново кривично дело.

Ниту обвинетите, ниту нивните адвокати не беа присутни во судницата при објавувањето на пресудата. Присутна беше само обвинителката Спасенка Андонова, покрај судијката, новинарите и снимателите.

Ова е првиот предмет за дискотеката „Пулс“ што доби неправосилна пресуда. Судењето почна на 31 март и заврши за четири рочишта.

Според судијката Петровска, полицајците од октомври 2023 до февруари 2024 година составувале записници за прекршоци, меѓу кои и за пропуштање малолетници, но во нив внесувале неточни податоци.

Наместо прекршоците да ги заведат на активната фирма ММММ Кафе ДООЕЛ од Кочани и одговорното лице Митко Стојанов, тие ги внесувале на фирмата „Класик ДМ ДООЕЛ“ од Кочани.

„Дејствијата на обвинетите не претставуваат само формален пропуст. Напротив. Утврдувањето на носителот на дејноста е суштински елемент, подеднакво важен како и констатираните прекршоци“, рече судијката.

Таа додаде дека обвинетите службените должности ги извршувале само привидно.

„Формата била запазена, но суштината изостанала“, рече Петровска.

Откако пресудата ќе биде напишана и доставена до странките, обвинетите имаат право на жалба до Апелацискиот суд. Тие треба да платат и судски паушал од по 7.000 денари.

Покрај овој предмет, полицајци се обвинети и во уште две постапки што ги води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Двајца од тројцата денеска неправосилно осудени се обвинети и во други предмети. Богатинов е обвинет и во предметот со 13 полицајци, кој неодамна почна да се суди. Според обвинението, полицајците на 16 март спроведувале акциска контрола на угостителски објекти, без да проверат дали се исполнети безбедносните проверки и стандардните оперативни процедури.

Во тоа обвинение се наведува дека не биле преземени мерки за заштита на присутните, ниту за спречување активирање на пиротехничка опрема на сцената, која не била пријавена во кочанската полиција.

Темелков, пак, е обвинет и во третото обвинение, кое се однесува на деветмина полицајци за пропуштање службени обврски при издавање согласност за дискотеката да добие лиценца.

Во големиот предмет за „Пулс“, во кој се обвинети 35 лица и три фирми, обвинителството ги сослуша предложените сведоци и почна со изведување материјални докази. Судењето трае речиси половина година, а поради обемот на докази и бројот на обвинети, бранителите очекуваат процесот да трае со години.

Во мај се закажани шест рочишта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни