Над 60 отсто од граѓаните во Северна Македонија поддржуваат членство во ЕУ

Истражување на Европската комисија покажува дека над 60 отсто од испитаниците во Северна Македонија го поддржуваат пристапувањето во Европската Унија.

Истражувањето на Европската комисија покажува дека поддршката за проширување останува силна во поголем дел од Западен Балкан, но со големи разлики меѓу земјите.

Повеќе од 60 отсто од испитаниците во Северна Македонија се изјасниле дека го поддржуваат пристапувањето на земјата во Европската Унија, покажуваат резултатите од најновото истражување на Европската комисија за перцепцијата на граѓаните за проширувањето.

Анкетите биле спроведени меѓу февруари и април 2026 година во земјите од Западен Балкан, Источното соседство и Турција.

Од Европската комисија посочуваат дека поддршката за членство во ЕУ останува силна, а граѓаните и понатаму ги поврзуваат поблиските врски со Унијата со поголема безбедност, подобри економски можности и подобри перспективи за младите генерации.

„Во земјите-кандидати и потенцијалните кандидати, анкетите покажуваат дека пристапувањето во ЕУ продолжува да ужива јавна поддршка, иако нивоата на поддршка варираат меѓу земјите“, се наведува во соопштението на Европската комисија.

Според истражувањето, највисока поддршка за пристапување во ЕУ меѓу земјите од Западен Балкан има во Албанија, каде што 92 отсто од испитаниците се за членство, како и во Косово, каде што поддршката изнесува 83 отсто.

Повеќе од 60 отсто од испитаниците во Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина исто така го поддржуваат пристапувањето во Европската Унија. Значително пониска е поддршката во Србија, каде што за членство во ЕУ се изјасниле 31 отсто од испитаниците.

Истражувањето покажува и раст на очекувањата во Црна Гора, каде што 62 отсто од граѓаните веруваат дека земјата ќе се приклучи на ЕУ во следните пет години. За споредба, во 2025 година такво очекување имале 39 отсто од испитаниците.

Надвор од Западен Балкан, поддршката за членство во ЕУ во Грузија изнесува 71 отсто, во Украина 65 отсто, а во Молдавија 58 отсто. Во Турција, пак, 46 отсто од испитаниците изразиле поддршка за членство во Европската Унија.

Резултатите покажуваат дека европската перспектива и натаму останува важна политичка и општествена тема во регионот, но и дека довербата во процесот на проширување не е еднаква во сите земји.

е-Трн да боцка во твојот инбокс