Почина актерот и режисер Кирил М. Петрески на 55-годишна возраст, соопшти Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп.
Петрески беше член на колективот на НУЦК „Марко Цепенков“ – Театар „Војдан Чернодрински“ од 2013 година, каде што работеше како драматург и режисер.
„Со својата долгогодишна и посветена работа, Кирил Петрески остави значајна трага во театарскиот живот и развојот на Театарот ‘Војдан Чернодрински’, но и во македонскиот театар“, наведуваат од установата.
Петрески дипломирал на Катедрата за театарска режија при Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на професорот Слободан Унковски. Негова дипломска претстава била „Куќата на храбриот Најме“ од Руждије Богдаховски.
Во прилепскиот театар ги режирал претставите „Уште еднаш од почеток“ од Харолд Пинтер, „На трета мајка“ од Петар Петрески и „Духот“ според делата на Војдан Чернодрински и Горан Стефановски.
Како актер настапувал во голем број претстави, меѓу кои „Сатирикон или големата гозба“, „ММЕ кој прв почна“, „Роберто Зуко“, „Четвртата сестра“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Сонот на Цепенков“, „Хамлет од Долно Мрдуша“, „Демократија“ и „Учениот“.
Во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Театар Куманово ги поставил претставите „Варијации: Диви пајки“ и „Не играј на Англичани“. Во 2010 година, во рамките на официјалната програма на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, ја режирал претставата „На дното“ според делото на Максим Горки.
„Неговото прерано заминување е голема загуба за Театарот ‘Војдан Чернодрински’ и за македонскиот театар воопшто. Нека почива во мир“, порачаа од прилепскиот театар.