Вечерва официјално започнува Светското првенство во фудбал 2026, најголемиот мундијал досега, кој за првпат ќе се игра со 48 репрезентации и вкупно 104 натпревари. Домаќини на турнирот се Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико, а првенството ќе трае до 19 јули. Отворањето е закажано на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити, каде што репрезентацијата на Мексико ќе игра против Јужна Африка.
Новиот формат носи значително поголем број учесници и натпревари, а многумина очекуваат ова да биде едно од најнеизвесните светски првенства досега. Меѓу главните фаворити се актуелниот европски шампион Шпанија и репрезентацијата на Франција. Големо внимание привлекува 18-годишниот шпански талент Ламин Јамал, кого многумина го сметаат за една од најголемите ѕвезди на турнирот. Франција повторно ќе ја предводи Килијан Мбапе.
Светското првенство најверојатно ќе биде последно за неколку легенди на светскиот фудбал. Аргентинецот Лионел Меси ќе се обиде со својата репрезентација да ја одбрани титулата освоена во Катар, додека Кристијано Роналдо со Португалија ќе се обиде да стигне до својот прв светски трофеј
Новиот формат отвора простор и за изненадувања. На турнирот ќе настапат и репрезентации како Хаити, Курасао, Ирак, Јордан и Нов Зеланд, кои ќе се обидат да станат новите приказни на шампионатот. Во наредните пет недели вниманието на светската јавност повторно ќе биде насочено кон најголемата фудбалска сцена, каде што ќе се испишуваат нови рекорди, нови херои и нови незаборавни моменти.