Повеќе од две години по исчезнувањето на двегодишната Данка Илиќ во Бањско Поле кај Бор, во Вишиот суд во Неготин треба да започне судскиот процес против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за тешко убиство во соизвршителство.
Подготвителното рочиште треба да се одржи до крајот на септември и ќе биде затворено за јавноста, додека почетокот на главната расправа се очекува во октомври. Јавноста треба да биде исклучена само од подготвителната фаза, а главното судење, според српските медиуми, ќе биде отворено.
Предметот беше префрлен од Заечар во Неготин по одлука на Апелацискиот суд во Ниш. Причината е што судиите од Вишиот суд во Заечар веќе постапувале во претходните фази, поради што не можеле да го водат главното судење.
Според обвинението, Драгијевиќ и Јанковиќ на 26 март 2024 година се враќале од работна задача со службено возило на јавното претпријатие „Водовод“. Обвинителството тврди дека во Бањско Поле со возилото ја удриле Данка, по што ја ставиле во автомобилот и го сокриле нејзиното тело.
Телото на девојчето до денес не е пронајдено.
Обвинителството ги товари двајцата за тешко убиство во соизвршителство и предлага да бидат осудени на доживотен затвор. Обвинението беше потврдено дури по дополнување на истрагата, откако претходно двапати беше враќано на повторно одлучување и спроведување дополнителни доказни дејства.
Обвинетите ги повлекоа првичните признанија
Српската полиција во април 2024 година соопшти дека осомничените го признале делото. Меѓутоа, Драгијевиќ и Јанковиќ подоцна ги повлекоа исказите и негираа дека ја убиле Данка.
Одбраната тврди дека во предметот нема материјални докази што непосредно ги поврзуваат обвинетите со девојчето. Според нејзините наводи, во службеното возило и на предметите одземени од домовите на обвинетите не биле пронајдени ДНК или биолошки траги на Данка, а нема ниту непосреден очевидец на настанот.
Апелацискиот суд, сепак, ги одби жалбите на адвокатите и го потврди обвинението. Дали собраните докази се доволни за осудителна пресуда ќе се утврдува во судската постапка, во која обвинетите се сметаат за невини до правосилна пресуда.
Постапката против Радослав Драгијевиќ, таткото на Дејан, кој беше опфатен со обвинението поради сомнение дека помогнал во прикривањето на делото, во меѓувреме е правосилно запрена.
Данка Илиќ исчезна на 26 март 2024 година од дворот на семејната куќа во Бањско Поле. Случајот предизвика голема полициска потрага и внимание во целиот регион, но клучното прашање – каде се наоѓа телото на девојчето – сè уште останува без одговор.