Во Анкара денес почнува дводневниот самит на НАТО, на кој ќе учествуваат лидерите на сите 32 земји-членки на Алијансата, меѓу кои и американскиот претседател Доналд Трамп. Главните теми ќе бидат зголемувањето на трошоците за одбрана, поддршката за Украина, зајакнувањето на одбранбената индустрија и безбедносните предизвици на Блискиот Исток.
Според Ројтерс, самитот ќе биде во знакот на барањата на Вашингтон европските сојузници да издвојуваат повеќе средства за одбрана, како и на напорите за зголемување на производството на оружје во рамките на Алијансата.
Трамп ќе се сретне со Зеленски
Белата куќа соопшти дека Доналд Трамп за време на самитот ќе има билатерална средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, на која главна тема ќе биде војната во Украина и можностите за нејзино завршување. Средбата следува по неодамнешниот телефонски разговор меѓу двајцата лидери, во кој Зеленски ја нагласи потребата од „американска решителност“ за постигнување мир.
Војната во Украина, која влезе во петтата година, останува една од централните теми на состанокот.
Европа ќе го уверува Трамп
Европските лидери ќе настојуваат да покажат дека ги исполнуваат обврските преземени на минатогодишниот самит во Хаг, според кои до 2035 година ќе издвојуваат пет проценти од бруто-домашниот производ за одбрана и поврзани безбедносни активности.
Во нацрт-декларацијата, во која увид имал Ројтерс, се наведува дека европските сојузници и Канада во 2025 година ги зголемиле инвестициите во одбраната за повеќе од 139 милијарди долари. Исто така, се очекува земјите-членки да потврдат нов пакет воена помош за Украина во вредност од 70 милијарди евра за 2026 година, како и обврска поддршката да продолжи и во 2027 година.
Средби со Ердоган и сирискиот претседател
Покрај разговорите со Зеленски, Трамп ќе се сретне и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, домаќин на самитот. Според најавите, американскиот претседател ќе има и средба со сирискиот претседател Ахмад ал-Шара, иако Белата куќа не ги откри деталите за разговорите.
Од своја страна, Ердоган ќе се обиде да обезбеди напредок во одбранбената соработка со западните сојузници, особено околу системот SAMP/T, како и да побара укинување на американските санкции и враќање на Турција во програмата за борбените авиони Ф-35.
Во фокусот и Иран и Ормутскиот Теснец
Самитот се одржува во време на нови тензии на Блискиот Исток по последните инциденти во Ормутскиот Теснец. Според нацрт-декларацијата, лидерите на НАТО ќе повикаат Иран никогаш да не развие нуклеарно оружје и целосно да ја почитува слободата на пловидба низ Ормутскиот Теснец.
Во рамки на самитот ќе се одржи и форум на одбранбената индустрија, на кој се очекува склучување договори вредни десетици милијарди долари, додека министрите за надворешни работи и за одбрана ќе имаат одделни состаноци со партнерски земји од Блискиот Исток и Индо-Пацификот.