Со разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и францускиот претседател Емануел Макрон денеска официјално започна самитот на Г7 во францускиот град Евијан. По билатералната средба, двајцата лидери изјавија дека разговарале за состојбата на Блискиот Исток и за неодамнешниот договор меѓу САД и Иран за прекин на конфликтот.
Трамп го опиша Макрон како „близок пријател“, додека францускиот претседател оцени дека договорот со Иран е од големо значење бидејќи го адресира нуклеарното прашање, кое според него е клучно за глобалниот мир и безбедност. Во Евијан денеска започна тридневниот самит на Групата седум најразвиени индустриски земји во светот – САД, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и Канада.
Покрај лидерите на земјите членки, на самитот присуствуваат и претставници на Европската Унија, како и поканети државници од други земји. Меѓу нив се индискиот премиер Нарендра Моди и египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси.
За вторник е најавено и учеството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, а се очекува темите поврзани со Украина, Блискиот Исток, глобалната економија и вештачката интелигенција да доминираат во разговорите на лидерите во наредните два дена.