Европа ја очекува нова необично топла епизода кон крајот на септември, а топлото време според актуелната временска прогноза може да продолжи и во првите денови од октомври.
Според Severe Weather Europe, над поголем дел од западна, централна и северна Европа ќе се воспостави силен антициклонален систем, кој ќе повлекува топол воздух од Медитеранот и северна Африка кон север. Во одредени области температурите може да бидат 8 до 12 степени над долгорочниот просек.
Најизразено затоплување се очекува на Пиринејскиот Полуостров, во Франција, а потоа топлиот воздух постепено ќе се шири кон централна и северна Европа. Во делови од Шпанија и Португалија температурите би можеле да достигнат 35 до 38 степени, а локално и околу 40 степени. Во јужна Франција се очекуваат температури близу 36 степени.
Топлиот воздух постепено ќе се придвижува и кон Германија, Полска и Балтикот, каде што температурите повторно би можеле да се искачат во втората половина на 20-тите. Во Германија моделите покажуваат можност за 27 до 29 степени, додека во делови од Италија и Балканот се очекуваат околу 28 до 30 степени.
Интересно е што ова доаѓа веднаш по наглиот пад на температурите и продорот на студен воздух кој го најавивме за овие денови. Тоа покажува колку брзо може да се менува временската слика над Европа – од речиси зимски услови на северот и утрински студ до повторно летни температури во делови од континентот.
Според среднорочните модели, топлиот период би можел да се задржи до почетокот на октомври, особено во западна, централна и северна Европа. Најголеми температурни отстапувања се очекуваат над Скандинавија, особено над Шведска и Финска.
За Балканот прогнозата исто така покажува затоплување од викендот кон почетокот на следната недела, со температури кои на места би можеле да се приближат до 30 степени.