По 59 години чекање: Граничниот премни Маркова Нога ќе се отвори во 2028 година

Македонскиот дел од граничниот премин Маркова Нога е речиси готов, но отворањето зависи од грчката страна. Новите проценки велат дека преминот би можел да профункционира во 2028 година.

Граничниот премин Маркова Нога – Лемос, кој треба повторно да ги поврзе Северна Македонија и Грција во Преспанскиот Регион, доби нов рок за отворање. Според најавите, целосното ставање во функција на преминот се очекува во 2028 година, кога треба да биде завршена и инфраструктурата од грчка страна.

При посетата на Преспа, евроамбасадорот Михаилс Рокас изјави дека работите на грчката страна треба да бидат завршени до 2028 година, но иронично додаде дека „сепак станува збор за Балкан“, алудирајќи на долгата историја на одложувања на проектот.

Од македонска страна изградбата е во напредна фаза. Според надлежните институции, околу 60 проценти од работите се веќе реализирани, а целиот објект би требало да биде завршен во наредните неколку месеци. Во меѓувреме, Грција во април годинава потпиша договор со изведувач за изградба на граничната инфраструктура кај Лемос. Проектот предвидува контролни пунктови, зграда за полициска и царинска контрола, дополнителни објекти и паркинг-простор. Според моменталните рокови, градежните активности треба да завршат до февруари или април 2028 година.

Преминот Маркова Нога е затворен речиси шест децении. Неговото повторно отворање се смета за еден од најважните проекти за развој на Преспа, бидејќи ќе овозможи побрза комуникација меѓу двете страни на езерото, ќе го поттикне туризмот и ќе создаде нови можности за локалниот бизнис и прекуграничната соработка. Проектот се реализира во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“, со финансиска поддршка од Европската Унија и партнерство со национални и локални институции од двете земји.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека станува збор за стратешки проект за целиот регион. Сепак, по бројните претходни најави и пролонгирања, останува прашањето дали 2028 година конечно ќе го донесе отворањето на преминот или Преспа повторно ќе добие нов рок наместо нова гранична врска.

е-Трн да боцка во твојот инбокс