Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека Црна Гора е меѓу најнапредните земји во регионот во процесот на европска интеграција, но нагласи дека напредокот кон Европската Унија ќе зависи и од решавањето на отворените прашања со Хрватска. Зборувајќи на самитот ЕУ, Западен Балкан во Тиват, Пленковиќ истакна дека Загреб очекува конкретни чекори од Подгорица во однос на повеќе чувствителни билатерални теми.
Меѓу нив ги посочи обесштетувањето на поранешните логораши, имотно-правните барања на хрватски државјани, статусот на спомен-плочата во Морињ, сопственоста над школскиот брод „Јадран“, како и конечното утврдување на границата меѓу двете држави. Хрватската страна инсистира овие прашања да бидат уредени преку посебни договори и во рамки на конструктивен дијалог, како предуслов за натамошно унапредување на односите.
Пленковиќ порача дека Хрватска останува отворена за соработка, но очекува видлив напредок во преговорите за сите отворени прашања со Црна Гора.