Пиво или вино: Големо истражување открива кој алкохолен пијалак носи поголем здравствен ризик

Големо истражување покажува дека видот на алкохолот може да влијае врз здравјето. Пивото и жестоките пијалаци се поврзуваат со поголем ризик, додека умерената консумација на вино покажува поинакви резултати.

Ново истражување сугерира дека различните видови алкохолни пијалаци имаат различно влијание врз здравјето. Иако прекумерната консумација на алкохол одамна се поврзува со зголемен ризик од бројни заболувања, најновите резултати покажуваат дека и видот на пијалакот може да игра важна улога.

Според анализата, консумирањето жестоки алкохолни пијалаци, пиво и јаболков сайдер е поврзано со околу девет проценти поголем ризик од смрт поради кардиоваскуларни заболувања. Од друга страна, умерената консумација на вино е поврзана со 21 процент помал ризик од вакви здравствени последици.

Главната авторка на студијата, Џанглинг Шен, истакнува дека резултатите се однесуваат на општата популација, додека кај лицата со хронични заболувања или веќе постоечки срцево-садови проблеми ризикот може да биде уште поголем.

Истражувањето е спроведено врз речиси 341.000 возрасни лица кои учествувале во проектот UK Biobank во периодот од 2006 до 2022 година. Учесниците ги пријавиле своите навики во исхраната и консумацијата на алкохол, по што биле поделени во групи според просечната дневна и неделна количина на алкохол.

Резултатите покажале дека кај лицата кои редовно консумираат големи количини алкохол, вкупниот ризик од смртност е зголемен за речиси 24 проценти. Воедно, ризикот од смрт поврзана со рак е поголем за 36 проценти, а од кардиоваскуларни заболувања за 14 проценти.

Авторите сметаат дека овие сознанија би можеле да придонесат за подобрување на здравствените препораки, бидејќи укажуваат дека ризиците од алкохолот не зависат само од количината што се испива, туку и од изборот на алкохолен пијалак.

Дополнително, неодамна објавена студија во списанието BMJ Evidence-Based Medicine, во која биле опфатени околу 560.000 лица од Велика Британија и САД, покажала дека поголемата консумација на алкохол е поврзана и со повисок ризик од развој на деменција.

е-Трн да боцка во твојот инбокс