Четири пијалаци кои можат да го намалат дејството на лековите против алергија

Одредени сокови и алкохол можат да ја намалат ефикасноста на лековите против алергија. Експертите советуваат антихистаминиците да се земаат само со вода.

Експертите предупредуваат дека одредени пијалаци можат значително да го намалат дејството на лековите против алергија, особено на антихистаминикот фексофенадин. Овој лек најчесто се користи за ублажување на симптомите на сезонски алергии, кивање, чешање на очите и кожни реакции.

Иако фексофенадинот генерално се смета за безбеден за возрасни и деца, лекарите советуваат претпазливост кај лица со проблеми со црниот дроб, бубрезите или срцето, како и кај бремени жени и доилки. Важно е и со што се зема таблетата, бидејќи некои пијалаци можат да ја намалат апсорпцијата на лекот.

Сокот од портокал е еден од најчестите примери. Според фармацевтите, состојките во овој сок можат да го попречат внесувањето на лекот во организмот, поради што неговото дејство е послабо. Ист ефект има и сокот од грејпфрут, кој може да ја намали количината на лек што стигнува во крвотокот.

Проблем може да предизвика и сокот од јаболко. Експертите предупредуваат дека овој пијалак не само што влијае на лековите за алергија, туку може да има ефект и врз одредени лекови за крвен притисок.

Алкохолот исто така не се препорачува во комбинација со антихистаминици. Лекарите велат дека мешањето алкохол и фексофенадин може да предизвика поспаност, вртоглавица и посилни несакани ефекти. Поради тоа, најдобро е лекот да се зема исклучиво со вода.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни