Македонската платформа „Pic a Pro“ им носи клиенти на фотографите и видео едиторите

Над 1.500 пријавени за новата дигитална мрежа што стартува на 1 октомври за време на самитот за вештачка интелигенција во Скопје.

Новата домашна платформа „Pic a Pro“ официјално ќе ја промовира својата бета верзија на 1 октомври во Скопје, во рамките на претстојниот AI Startup Summit. За тестирање на сервисот веќе се пријавиле повеќе од 1.500 корисници, а првите 100 одбрани тестери ќе добијат пристап директно за време на самитот. Системот овозможува фотографите, видео едиторите и креативните студија директно да стапат во контакт со клиенти кои бараат проверени професионалци за продукциски ангажмани.

Македонскиот тим зад „Pic a Pro“ работи на платформата изминатите две години. Нивната цел е да го надминат традиционалниот хаос при наоѓање ангажмани, нудејќи централизиран простор каде визуелните уметници можат да го изложат своето портфолио, а нарачателите брзо да најдат соодветен кадар за снимање, монтажа и продукција.

Фокусот не е само на индивидуални фриленсери, туку и на цели креативни студија. Наместо препораки од рака на рака, платформата воведува систем на верификувани профили каде секој проект и вештина се проверуваат пред да бидат понудени на пазарот.

Официјалниот старт на тест-фазата ќе се случи на претстојниот AI Startup Summit во Скопје. Иако интерес за тестирање покажале над 1.500 луѓе, тимот реши првиот бран да го ограничи на точно 100 корисници.

Овие стотина тестери ќе имаат задача да ги испробаат сите функции на системот пред тој целосно да се отвори за јавноста. Од тимот нагласуваат дека свесно избрале платформата прво да ја презентираат пред домашната заедница, со цел македонскиот креативен и технолошки пазар прв да ги испита можностите што ги нуди овој дигитален сервис.

е-Трн да боцка во твојот инбокс