Пет лица се повредени во сообраќајна несреќа што вчера попладне се случила на магистралниот пат Охрид–Ресен, во близина на охридското село Опеница. Несреќата се случила на 19 септември во 17:30 часот, кога се судриле патничко возило „сузуки витара“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 67-годишниот М.Ј.Р. од Велика Британија, и патничко возило „опел“ со битолски регистарски ознаки, управувано од 28-годишниот Х.Б. од битолското село Буково.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле Д.С. и И.З., сопатници во „опелот“. Тие биле пренесени и медицински згрижени во Специјализираната болница „Св. Еразмо“ во Охрид. Телесни повреди биле констатирани и кај возачот на „сузуки витара“, како и кај две сопатнички во „опелот“, со иницијали А.С. и А.С. Тие биле прегледани во Општата болница во Охрид.
Информацијата ја потврди портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. По насоки на јавен обвинител, увид на местото на сообраќајката извршила екипа на СВР Охрид. Засега нема дополнителни информации за причините и околностите под кои дошло до судирот.