Во Перу денеска се одржува вториот круг од претседателските избори, во кој граѓаните избираат меѓу десничарската кандидатка Кеико Фуџимори и левичарскиот политичар Роберто Санчез. Фуџимори, 51-годишна ќерка на поранешниот претседател Алберто Фуџимори, кој беше осуден за кршење на човекови права, повторно се кандидира за функцијата претседател и ова е нејзина четврта трка за највисоката државна позиција. Таа настапува како кандидат на конзервативната партија „Народна сила“ и во последните анкети имала мала предност пред противникот.
Нејзиниот противкандидат, Роберто Санчез, поранешен министер во владата на сменетиот претседател Педро Кастиљо, настапува во рамки на левичарската коалиција „Обединети за Перу“. Само два дена пред изборите повторно е отворена истрага поврзана со Кастиљо за наводно незаконско финансирање на партија.
Двајцата кандидати нудат сосема различни политички и економски визии. Фуџимори најавува построги мерки против организираниот криминал, воведување принудна работа за затвореници, како и економска дерегулација и зголемена социјална поддршка за ранливите категории.
Санчез, пак, се залага за делумна национализација на рудните ресурси и изработка на нов устав, со кој би се редефинирал политичкиот систем на земјата.
Бирачките места се отворија во 7 часот наутро по локално време и ќе бидат затворени во 17 часот.
Политичката нестабилност во Перу е континуирана веќе години. Во последната деценија земјата имала дури осум претседатели, а последниот лидер кој успеал да го заврши цел мандат е Ољанта Умала, кој владееше од 2011 до 2016 година.