Нови правила за патување во Грција: задолжителен комплет за прва помош по ЕУ-стандард

Од 18 јуни 2026 година, возилата во Грција ќе мора да имаат комплет за прва помош по стандардот ДИН 13164:2022, а за несоодветна опрема е предвидена казна.

Од 18 јуни 2026 година, возилата во Грција ќе мора да имаат комплет за прва помош усогласен со стандардот ДИН 13164:2022, а за несоодветна опрема се предвидени казни.

Македонските граѓани што ова лето ќе патуваат со автомобил во Грција ќе треба навреме да ја проверат задолжителната опрема во возилото. Од 18 јуни 2026 година во Грција стапуваат во сила нови правила за комплетите за прва помош, кои ќе мора да одговараат на европскиот технички стандард ДИН 13164:2022 или негов еквивалент ИСО-стандард.

Новото правило доаѓа само неколку дена по стартот на системот ЕЕС за дополнителни проверки на надворешните граници на Европската Унија, поради што туристичкиот сектор веќе предупредува на можни застои на граничните премини во летната сезона.

За македонските туристи кои традиционално патуваат кон грчките летувалишта со сопствен автомобил, ова значи дека покрај пасошите, возачките документи и зелената карта, треба да се провери и комплетот за прва помош. За несоодветен или нецелосен комплет се предвидува казна од 30 евра.

По објавувањето на новите информации, снабдувачите, автомото-друштвата и продавниците за автомобилска галантерија веќе почнаа да ги нудат новите комплети усогласени со стандардот. Цените, според информациите од пазарот, се движат од околу 600 до 1.200 денари.

Новиот стандард предвидува точно утврдена содржина на комплетот за прва помош. Меѓу најважните новини се вклучувањето термално спасувачко ќебе и заштитни медицински маски.

Комплетот треба да содржи термално спасувачко ќебе, две медицински маски, ролна медицинска лента и сет фластери, стерилни завои во различни димензии, стерилна газа или облога за изгореници, еластични завои, триаголна марама, ножици за прва помош, медицински ракавици, влажни марамчиња за дезинфекција и упатство за прва помош.

Сите материјали во комплетот треба да имаат ЦЕ-ознака за квалитет, а возачите треба редовно да го проверуваат рокот на стерилните производи.

Покрај Грција, според европските прописи ДИН 13167 и ДИН 13164, одобрен комплет за прва помош е задолжителен и во повеќе европски земји, меѓу кои Австрија, Бугарија, Хрватска, Естонија, Франција, Германија, Латвија, Литванија, Полска, Португалија, Чешка, Словенија, Шпанија и Унгарија.

Во дел од земјите надвор од Европската Унија, како Белорусија, Молдавија, Швајцарија, европскиот дел на Турција и Украина, исто така се бара комплетот да биде во возилото.

Грција во исто време воведува и пошироки мерки за поголема безбедност во сообраќајот. Дел од нив се поставување паметни камери за автоматско санкционирање прекршоци и ограничување на брзината на 30 километри на час на голем дел од улиците во урбаните средини.

Во населените места ограничувањето за автомобили е 50 километри на час, на автопат 130 километри на час, а на магистрални патишта од 90 до 110 километри на час. За мотоцикли, ограничувањата се 40 километри на час во населени места, 90 километри на час на автопат и 70 километри на час на други патишта.

Користењето мобилен телефон при возење во Грција е забрането, а казната може да достигне до 100 евра. Дозволеното количество алкохол во крвта е 0,05 проценти, додека за нови возачи, мотоциклисти и возачи на комерцијални возила границата е 0,02 проценти.

Задолжителен е и сигурносен појас, а за непочитување на ова правило може да се изрече казна од 350 евра. Децата до три години мора да се превезуваат во соодветно детско седиште, а децата од три до 11 години, пониски од 135 сантиметри, треба да седат на задното седиште во соодветно детско седиште.

Освен комплетот за прва помош, во Грција задолжителни се и противпожарен апарат и предупредувачки триаголник. Рефлектирачки елек не е задолжителен, но се препорачува.

За патување со сопствено возило во Грција и во повеќе други европски земји, македонските граѓани треба да имаат и меѓународна возачка дозвола. Таа се издава на шалтерите на станиците за технички преглед, важи до три години или пократко доколку националната возачка дозвола истекува порано, а чини околу 900 денари.

Ако возачот управува возило што не е во негова сопственост, потребно е и овластување за управување туѓо моторно возило.

Во меѓувреме, македонскиот туристички сектор побара од Грција летово привремено да ја одложи примената на новиот европски систем ЕЕС на граничните премини за македонските државјани. Барањето е поврзано со стравувањата дека биометриските проверки во шпицот на сезоната може да создадат долги колони и проблеми за веќе резервираните аранжмани.

ЕЕС е нов дигитален систем на Европската Унија што ги регистрира влезовите и излезите на државјани од земји надвор од ЕУ. Наместо класичен печат во пасош, системот електронски ги бележи податоците, а при првата регистрација се земаат фотографија, отпечатоци од прсти и податоци од патниот документ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни