Патувачкото кино на „МакеДокс“ тргнува на пат: Бесплатни документарни проекции во Неготино, Гевгелија и околината

Патувачкото кино на „МакеДокс“ денеска ја започнува својата 17-та сезона, носејќи документарни филмови и филмска атмосфера во места каде што публиката ретко има можност да гледа вакви проекции. До 17 јули, караванот на „МакеДокс“ ќе посети шест населени места и градови, претворајќи плоштади, училишни дворови и јавни простори во привремени кина под отворено небо. Првата проекција ќе се одржи вечерва во Неготино, кај Спомен-костурницата. Следната станица е Пепелиште, каде на 11 јули филмовите ќе се прикажуваат во дворот на ООУ „Страшо Пинџур“.

На 13 јули Патувачкото кино пристигнува во Демир Капија, на градското Шеталиште, додека на 14 јули ќе гостува во Долни Дисан, во ООУ „Гоце Делчев“.

Завршницата на годинашната тура е планирана за 16 јули во Негорци, во ООУ „Ристо Шуклев“, а последната проекција ќе биде на 17 јули во Гевгелија, во СОУ „Јосиф Јосифовски“.

Кино што создава средби и разговори

Веќе 17 години Патувачкото кино на „МакеДокс“ ја шири културата на документарниот филм низ Македонија, овозможувајќи публиката од различни средини да се запознае со силни филмски приказни. Освен самите проекции, секоја вечер е можност за дружење, разговори и размена на идеи. Организаторите велат дека целта не е само гледање филм, туку создавање простор за средба и дијалог меѓу луѓето.

„Киното“ што се создава за една вечер на отворено продолжува да живее преку разговорите и приказните што ги носи публиката од едно место до друго. 17-то Патувачко кино на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм, а сите проекции се бесплатни за посетителите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс