Лет на австралиската авиокомпанија Qantas од Мелбурн кон Далас бил принудно пренасочен кон Папете, главниот град на Француска Полинезија, откако патник станал агресивен и, според медиумските извештаи, каснал член на екипажот. Инцидентот се случил на летот QF21, долгата линија од Австралија кон САД.
Според Guardian, патникот почнал да се однесува „нестабилно и несоработливо“ околу седум часа по полетувањето, по што други членови на екипажот и патници помогнале да биде совладан. По слетувањето во Папете, го пречекале локалните власти.
Qantas потврди дека патникот добил забрана за идни летови со Qantas и Jetstar. Од компанијата порачаа дека безбедноста на патниците и екипажот е главен приоритет и дека имаат нулта толеранција за нарушувачко или заканувачко однесување во авион.
По непланираното слетување и отстранувањето на патникот, авионот продолжил кон Далас. Според австралиските медиуми, летот пристигнал со задоцнување од неколку часа, а дел од патниците пропуштиле поврзани летови.