Папата Лав XIV во новиот документ за учењето на Црквата предупреди дека вештачката интелигенција претставува сериозен ризик доколку се развива без јасни правила и ограничувања, и повика на „разоружување“ на технологијата во етичка смисла, односно поставување строги граници за нејзина употреба. Според неговите пораки, клучно е човекот да остане во центарот на одлуките, а не алгоритмите.
Папата истакна дека автономните системи и алгоритми веќе влијаат врз безбедноста, работните места и пристапот до основни услуги, што отвора прашања за нови форми на нееднаквост и „дигитално ропство“. Тој предупреди дека без меѓународна регулација, развојот на вештачката интелигенција може да создаде системи кои ќе работат надвор од човечка контрола.
Во документот се нагласува и дека развојот на технологијата не смее да биде воден исклучиво од профит, туку од поширок општествен интерес, со посебен фокус на заштита на човековите права и достоинство. Папата повика и на соработка меѓу технолошките компании, научниците и државите за воспоставување заеднички правила.
Исто така, тој предупреди дека употребата на вештачка интелигенција во воени системи и автоматизирано оружје претставува особено опасен сегмент кој мора строго да се ограничи.