Паднаа цените на гасот во Европа по договорот меѓу САД и Иран

Европските цени на природниот гас нагло се намалија по најавата за мировен договор меѓу САД и Иран и повторното отворање на Ормускиот теснец, клучна рута за светската енергетска трговија
Foto: TANJUG

Цените на природниот гас во Европа забележаа значителен пад откако САД и Иран постигнаа договор за текстот на меморандумот за разбирање со кој треба да се стави крај на војната и да се овозможи повторно отворање на Ормускиот теснец.

На холандската берза TTF, која служи како референтен пазар за европските цени на гасот, мегават-час природен гас за испорака во јули попладнево се тргуваше по цена од 43,55 евра. Тоа претставува пад од 7,4 проценти во однос на крајот на минатата недела и најниско ниво од почетокот на мај.

Пазарите позитивно реагираа на веста дека Вашингтон и Техеран постигнале согласност за меморандумот што треба да биде потпишан во петок. Инвеститорите го оценија договорот како чекор кон намалување на геополитичките ризици во регионот и стабилизирање на глобалното снабдување со енергенси.Особено важна е најавата за повторно отворање на Ормускиот теснец, низ кој пред почетокот на конфликтот минуваа околу 20 проценти од светската трговија со нафта и течен природен гас.

Според иранската агенција Тасним, во завршната фаза од преговорите биле направени измени во текстот на меморандумот поради несогласувања околу режимот на пловидба низ теснецот. Во договорот е вклучена одредба според која Иран и Оман ќе обезбедуваат услуги за поморска навигација, а во првите 60 дена нема да се наплатуваат такси за бродовите што ќе поминуваат низ стратешкиот воден пат.

По истекот на овој период, Техеран планира да воведе надоместоци за користење на навигациските услуги, наведуваат ирански извори.Аналитичарите оценуваат дека намалувањето на тензиите на Блискиот Исток веднаш се одразува врз енергетските пазари, бидејќи инвеститорите очекуваат посигурно снабдување и помал ризик од прекини во транспортот на нафта и гас кон светските пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс