Кардиолог открива четири овошја што можат да го намалат ризикот од срцеви заболувања

Кардиолози откриваат кои четири видови овошје можат да помогнат во намалување на ризикот од срцеви заболувања и зошто се важни за здравјето на срцето.

Срцевите заболувања и понатаму се меѓу најчестите причини за смртност во светот, но експертите нагласуваат дека голем дел од ризикот може да се намали со правилна исхрана и здрав начин на живот. Кардиологот д-р Дејвид Мин истакнува дека редовната консумација на одредени видови овошје може да има позитивно влијание врз здравјето на срцето.

Во изјава за Eating Well, д-р Мин посочува дека бројни научни истражувања покажале оти луѓето кои внесуваат повеќе овошје имаат помал ризик од срцев и мозочен удар, како и од заболувања поврзани со покачениот холестерол.

Меѓу најкорисните овошја ги издвојува јаболките, кои се богати со растителни влакна и антиоксиданси. Нивната редовна консумација може да помогне во подобрување на нивото на холестерол и во одржување на нормален крвен притисок.

Авокадото, иако често се смета за зеленчук, е овошје богато со мононезаситени масти. Според кардиологот, овие здрави масти придонесуваат за намалување на „лошиот“ LDL холестерол и за зголемување на „добриот“ HDL холестерол, со што се намалува ризикот од кардиоваскуларни заболувања.

Боровинките се уште еден одличен избор бидејќи содржат голема количина антиоксиданси и растителни влакна. Овие соединенија помагаат во неутрализирање на слободните радикали, го поддржуваат здравјето на крвните садови, придонесуваат за подобра еластичност на артериите и можат да помогнат во регулирањето на крвниот притисок.

Портокалите, освен што се богат извор на витамин Ц, содржат и флаванони – природни соединенија за кои е докажано дека позитивно влијаат врз крвниот притисок, нивото на холестерол, воспалителните процеси и регулацијата на шеќерот во крвта. Кардиологот д-р Одри Т. Дамрен нагласува дека сите овие фактори играат важна улога во намалувањето на ризикот од срцеви заболувања.

Срцевите заболувања најчесто се развиваат како последица на насобирање масни наслаги во артериите, што го отежнува протокот на крв кон срцето. Ризикот дополнително се зголемува кај пушачите, лицата со висок крвен притисок, покачен холестерол, дијабетес, прекумерна телесна тежина, физичка неактивност, како и кај оние кои имаат семејна историја на кардиоваскуларни заболувања.

Покрај редовната консумација на овошје, лекарите советуваат исхраната да биде богата со зеленчук, интегрални житарки, риба, немасно месо, мешунки, јаткасти плодови и здрави растителни масла. Одржувањето на нормална телесна тежина, редовната физичка активност, избегнувањето на пушење, умерената консумација на алкохол и контролата на крвниот притисок и шеќерот во крвта остануваат едни од најважните чекори за зачувување на здраво срце.

е-Трн да боцка во твојот инбокс